ИНТЕРВЈУ со Димитар Петровски



Господине Петровски, како одговорен и зафатен со повеќе функции, опишете ни накратко како изгледа еден Ваш работен ден.

Како одговорен во одделението за планирање и техничка подготовка, работниот ден започнува со организирање на вработените и задачите кои треба да се завршат.

Се проверува константно електронската пошта. Во текот на првите часови има состанок со производство на кој се реферира околу новите зададени задачи за изработка на производ или околу проблеми за исполнување на истите.

Се грижам за распоредување, чување и архивирање на базите со припреми за печатење. Ги проверувам доставените припреми од клиентите, дали задоволуваат во однос на квалитетот на фајловите, за да можи потоа да се печати производот. Доколку е можно, и некој фајл не ги задоволува потребните карактеристики, се дооформува во одделението каде што раководам. Но, доколу не е можна корекција, фајлот се враќа до клиентот или дизајнерот кој го изработувал, со напомени што треба да корегира.

Работните задачи се распоредуваат на секој од извршителите поединечно според неговите знаења и работното место.

По завршување на одредена задача од извршителот пристапувам кон контрола на завршената работа и евентуални корекции за подобрување на истата. Се грижам да се обезбедат сите карактеристики и параметри со кои треба да се изработи еден производ. Откако ќе се дефинираат истите (број на бои, изглед, материјал, начин на лепење, начин на формирање итн.) потпишувам работен налог во кој изјавувам дека се обезбедени сите технички услови за изработка и печатење на производот. Потоа се изработува работен налог кој се пласира понатаму во производството.

Голем дел од времето го поминувам и во контрола на боите и печатот. Секој нов производ кој не е претходно печатен и прв пат се работи, мора од моја страна да е одобрен во однос на боите. Потоа откако ќе се одобри, се печати тираж. Се случува боите на производот при печатењето да немаат задоволителен квалитет и во ретки случаи се менуваат одредени делови од дизајнот за да се добие потребниот квалитет.

Ова досега искажано можеби звучи како опис на работни задачи, но секоја од овие во поголема или помала мерка се сретнуваат во текот на денот.

Каква едукација треба да се стекне за да може некој да дојде на Вашето работно место или да Ви конкурира?

Пред сè да има завршен графички факултет. Поточно треба да покажува поголема заинтересираност околу изучувањето на графичкиот дизајн, реализирањето на графичкиот дизајн понатаму во процесот на печатење, како и теоријата на колор менаџмент т.е. управување со боите во графиката.

Солидно познавање на графичките програми за обработка на слики и вектори, бидеќи без нивно познавање не е можно ништо да прави иако би имал факултетско образование.

Кои карактеристики треба да ги поседува еден дизајнер?

Остроумност, снаодливост, комуникативност, љубопитност, иновативност.

Доколку е потребен дизајн, а вие немате инспирација во моментот, дали имате некоја посебна рутина (пр. пешачење, трчање) или...? Како добивате инспирација? Некој совет за нас, на кои потешко ни оди тоа.

Вистина, за изработка на дизајн треба да се има инспирација која не секогаш е присутна. Инспирација добивам најмногу кога би се задлабочил во слободно размислување на кој начин би го направил конкретниот дизајн, бидеќи доколку изведувам некоја друга активност не би бил сосема сконцентриран.

Секако треба претходно и пратење на трендовите за дизајни т.е. во кој правец се движи изработката на дизајни. Интернетот во голема мера помогнува околу тоа.

Често се случува во потсвеста да ми се појави слика од целиот дизајн како би требало да изгледа, и често истото да ми се случи при спиење.

Се случувало да направам дизајн кој после мене не ми се допаѓал иако претходно имав инспирација да го направам, па таквиот дизајн го преработувам од почеток со друг концепт и инспирација.

Најлошо е кога се бара дизајн во краток временски период. Тогаш нема многу простор и за размислување и барање на иснпирација, па работам дизајн со моментална инспирација и преку позајмување на одредени елементи од други дизајни и склопување на нешто сосема ново.

Може ли да ни споделите ситуација во која, поради Вас, работата на целата компанија се унапредила?

КВАЛИТЕТ пред сè и БРЗИНА на финалниот резултат. Откако сум вработен сум ја имал таа среќа целосно сите новитети да течат преку мене со воведување на нови технологии во графичката индустрија. Секако со моја иницијатива до моите претпоставени, и со образложување дека со имплементација на одредена нова технологија би го подобриле работењето. Вакви ситуации имало повеќе со што и бенефитот од повеќе аспекти е поголем.

Во кои земји Ве „прошетала“ работата?

Јас мислам дека ја имам една од ретките привилегии која една личност ја има при негова едукација. Да го работи тоа што го сакал и учел. Тоа е голема благодет и за работникот и за претпријатието.

Бидеќи сум на такво работно место каде што имам и задача на пратење на нови технологии, сум бил на голем број на саеми, на семинари, посета на други печатници, клиенти со кои работиме итн.

Сум бил во Швајцарија, Германија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.

Дали имате хоби или друга активност на која ѝ посветувате време после работата (во приватниот живот)?

Да, имам. После работниот ден, бидеќи работата ми е доста одговорна и знае често да ми биде стресна, имам повеќе начини да се опуштам умствено. А и покрај умствената релаксација да се одржува физичка кондиција.

Најпрво би кажал дека се занимавам со лозарство каде што често одам и работам. Таа работа е целосно физичка и е во спротивност со работата која ја работам на работа и затоа умствено се одморам таму.

Често возам велосипед, играм кошарка, кога имам повеќе време одам на планина и понекогаш на прошетки.

Што би ни препорачале нам – младите дизајнери?

Да го љубите тоа што го работите. Учете постојано. Тоа што го работите да биде беспрекорно сработено без никакви пропусти. Само на тој начин ќе имате резултат, ќе делите од другите, ќе ве забележат и ќе градите кариера.

Да не се разочарувате при неуспеси. Бидете ведри, дружељубиви и полни со енергија.

Доколку го учите тоа што го сакате, ќе вроди со плод.

Се надевам дека ви помогнав со ова мое излагање во вашето понатамошно школување и кариера.


Кристина Јованова I 4

Image-Givest
Image-Givest

ГрафопресImage-Givest