ПЕЧАТЕЊЕ СО ШАБЛОНИ


Печатење со шаблони спаѓа во техниката на пропустен печат. Изработениот шаблон претставува печатарска форма со која го печатиме дадениот дизајн. Шаблоните се изработуваат на картон, пластика и слично, со изрежување на елементите што сакаме да ги печатиме. Изрежувањето треба да биде прецизно со цел да се добие што е можно поквалитетен отпечаток. Притоа се употребуваат ножици, скалпел и др. Исечените рабови треба да бидат рамни и мазни. Исечените делови ќе претставуваат печатарски елементи кои ја пропуштаат бојата да премине на подлогата, а неисечените делови се слободните површини на печатарската форма што ја претставува шаблонот. На ваков начин може да се печати на секаков вид и облик на печатарска подлога.


Печатењето се изведува на директен и едноставен начин. Се поставува шаблонот врз подлогата за печатење. Со помош на сунѓерчиња или сунѓерести валјачиња се истиснува бојата на подлогата и се добива бараниот отпечаток.


Шаблоните и отпечатоците се дел од изработките на учениците: Митровска Ана, Најдановска Марија, Стојаноска Мартина и Мустафовски Дамир, во склоп на практичната настава.


Обидете се и вие, ќе видите дека е лесно и забавно! Еве неколку примери за поттикнување на вашата креативност!


Мартина Стојаноска,
Елеонора Балтова,
Марија Најдановска III 4



ЕДЕН ДЕН НА ПРАКСА


Велат работата го краси човекот, а искуството го прави добар мајсторот. Па така залудно би било само да ги учиме лекциите, а печатарските машини да ги гледаме само во учебниците. Денот кога по распоред имаме практична настава, за нас е посебен ден. Годинава, и покрај отежнатите услови со соодветните протоколи поради пандемијата, заедно со моите другарчиња од паралелката III 4 одиме во печатницата „Киро Дандаро“ – Битола. Уште на самиот влез мирисот на бојата и бучавата на машините кои работат во ритам прават сосем поинаква основа врз која ги градиме нашите знаења како графичари.


Денес бевме во одделението за офсет печат каде што воглавно има офсетни табачни машини. Нивната моќ и големина сега изгледаат поинаку, за разлика од сликите во учебниците. Видовме различни производи кои се печатат со оваа техника: проспекти, етикети, книги, летоци итн. Вработените секогаш се љубезни. И тие, покрај нашите професори Катерина Спасовска-Маурдева и Миле Атанасоски, ни објаснуваат што се случува и како табакот „патува“ низ машината. Прво го разгледувавме уредот за вложување, пневматската глава и сите нејзини делчиња кои треба да го одвојат табакот од купот табаци и да го внесат во машината. Го „запознавме“ воздушното стапало, граничниците, дувалките на воздух, двата вида вакуумски гумчиња кои работат тимски, гподигнуваат и пренесуваат табак по табак во машината. Ама „кој работи и греши“, па така може да се случи да се внесат два табаци или пак воопшто да не се внесе табак. Затоа следно што видовме беше уредот за контрола на двојното вложување кој ја проверува работата на уредот за вложување, пред табакот да го продолжи патот по закосениот мост. Патувавме по закосениот мост и ние заедно со табакот и замислувавме како тој се движи како по облаци заради воздушното перниче кое го намалува триењето на табакот при движењето по бесконечните ленти. Следеше порамнување на табаците со помош на челни и странични марки и тоа со таква брзина што едвај успевавме да го забележиме придвижувањето на табакот. Табакот е подготвен да биде испечатен. За секоја боја постои посебна печатарска секција, а деловите во секоја од секциите се повторуваат и тоа: уредот за влажење, уредот за боење и трите цилиндри - темелен (со печатарската форма), офсетен (со офсетна гума, кој ја превзема бојата од формата и ја пренесува на подлогата за печатење) и печатарски (оној кој го обезбедува притисокот за печатење и го држи табакот за време на печатењето). И така се печатеа боја по боја, а табакот патуваше од една во друга печатарска секција. На другиот крај од машината го видовме и уредот за изложување кој уредно ги редеше испечатените табаци еден врз друг. Забележавме бел прав. Една од вработените ни рече дека е тоа пудра. Пудра??? Зарем табаците се шминкаат!? Шегата на страна, ни објаснија дека пудрата служи да не се слепуваат свежо испечатените табаци при големи брзини на печатење, кога нема доволно време да се исуши бојата на отпечатокот и веднаш врз него паѓа следниот отпечатен табак.


Патувањето на табакот заврши, а со тоа и нашето патување, но само за денес. Со нетрпение го очекуваме наредниот ден за практична настава. Сугурно ќе има нова авантура во некое друго одделение од печатницата која несебично ги отвора вратите за нас учениците и ни открива тајни кои се надеваме дека ќе нè направат добри мајстори на нашиот занает. Се гледаме на наредната пракса, а дотогаш ќе ги средуваме впечатоците од прекрасно поминатиот ден во печатницата „Киро Дандаро“.


Сабина Мемедовска III 4
Прилозите се изработени во соработка со Катерина Спасовска-Маурдева, наставник по графички стручни предмети





Image-Givest Image-Givest



Image-Givest Image-Givest



Image-Givest Image-Givest



Image-Givest Image-Givest



Image-Givest Image-Givest Image-Givest



Image-Givest

ГрафопресImage-Givest