СТАРО-НОВО ВО НАШЕТО МААЛО


Во учебната 2019/2020 и 2020/2021 ученици од втора, трета и четврта година графичка струка, профил графички техничари, учествуваа на обуки за користење на компјутерски програми за векторска и растерска графика во „Мегасофт“ – Битола. За успешно реализираните активности сите учесници добија сертификати.


На 13 февруари 2021 г. ученици од прва, втора и трета година графичка струка учествуваа во работилница на тема „Насилство во училиштето“. Работилницата ја организираше Центарот за човекови права „АМОС“ – Битола во соработка со одговорните наставници Катерина Спасовска-Маурдева и Весна Мундишевска-Велјановска. За учеството во работилницата сите учесници добија сертификати.


После 20 години пауза повторно се подготви број на гласникот на графичката струка „Графопрес“. Ова е нешто со што навистина се гордееме во ова време-невреме. Од овој број „Графопрес“ е достапен и со свој ISSN број, со што станува посериозно гласило, а неговата е–верзија овозможува поголема достапност, особено помеѓу помладата популација каде предност имаат електронските медиуми. Содржините во дадените рубрики ќе ги задоволат и најљубопитните кои се расположени да научат нешто ново, но и да се забавуваат, на наш, графички начин. Се надеваме дека задоволството додека го читате нашето списание ќе биде барем половина од она што ние го имавме додека го подготвуваме, а тоа ќе ни биде мотив и следниот број што поскоро да ја види светлината на денот.


Во време на пандемија, наставата во графичката струка се реализираше воглавно он-лајн, а најголемиот дел од практичната настава се изведуаше со физичко присуство во печатниците „Киро Дандаро“, „Шикло-комерц“ и „Вега“, а делумно и во нашиот графички кабинет, со почитување на сите мерки за заштита од Ковид 19.


Во периодот 22 февруари и 1 март 2021 г. графичката струка спроведе волонтерска акција „Цвеќе за среќа“ организирана во соработка со училишниот волонтерски клуб „Тереза Фердинанди Литовска“. Во работилниците учествуваа 50-тина ученици од паралелките I 4, II 4, III 4, III 5 и IV 4, под менторство на Катерина Спасовска-Маурдева и Мирјана Гичевска (одговорни за волонтерскиот клуб), како и Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова и Валентина Ристеска, наставници по графички стручни предмети. Учениците изработија прекрасни креации на цветови, ги фотографираа и изработија видео кое беше поставено на фејсбук страната на графичката струка, а потоа ги подарија на своите блиски.


На 5 март 2021 г. ученици од паралелката III 4, графички техничари, заедно со предметниот наставник Весна Мундишевска-Велјановска – претседател на училишниот еко-одбор, учествуваа на онлајн настан за одбележување на Светскиот ден на енергетска ефикасност. Настанот го организираше еко-одборот при СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ – Битола, а беа презентирани најнови сознанија за користењето на батериите и енергетската ефикасност во секојдневиот живот. Нашите графичари се вклучија и во дискусијата и достојно го претставија нашето училиште


Во периодот март-април 2021 г. учениците од прва до четврта година графичка струка изработуваа обележувачи за книги по сопствен дизајн. Беа испечатени околу 1000 обележувачи кои заедно со пакети книги беа донирани во училишните библиотеки на сите десет основни училишта во Битола и на Педагошкиот факултет. Оваа активност се реализираше во соработка со писателите од „Битолскиот книжевен круг“.


На 20 март 2021 г. ученици од прва, трета и четврта година графичка струка учествуваа во работилница на тема „Говор на омраза“. Работилницата ја организираше Центарот за човекови права „АМОС“ – Битола. Одговорни наставници беа Катерина Спасовска-Маурдева, Весна Мундишевска-Велјановска, Валентина Ристеска и Снежана Паскова. И овој пат работилницата побуди интерес и огромно задоволство кај учесниците, а АМОС им додели сертификати за учеството. На 31 март 2021 г. волонтери од графичката струка учествуваа на хуманитарниот настан „Девојчето со цртежите“ кој се одржа во „Везилка – културен центар“ и на девојчето ѝ донираа пакет со прибор за цртање кој го подготвија самите со претходно собрани средства од нив и од професорите од графичката струка.





Image-Givest



Image-Givest



Image-Givest



Image-Givest



Image-Givest

ГрафопресImage-Givest